Што претставува атопискиот дерматит и како може да се третира
16 Nov 2018
Атописки дерматит претставува хронично, воспалително, повторувачко (рекурентно) заболување на кожата кое се карактеризира со црвенило и субјективно чувство на силен јадеж. Друго име карактеристично за оваа болест е екзема, но овој термин кај народот почесто е асоциран со појава на истите симптоми по рацете. Во повеќе од 90% првите симптоми...
Оваа болест е еден цел комплекс или синдром каде не е само кожата афектирана, па како таква и се третира цел живот. Не е животно загозувачки, но може многу да влијае на квалитетот на живеење кај овие индивидуи и честопати бара мултидисциплинарно лекување. Се карактеризира со појава на суви зони по кожата на скалпот, челото, лицето како и внатрешните (флексорните) страни на горните и долните екстремитети. Честопати знаат да набабрат како пликови и да тече бистра течност од нив. Кај доенчиња и мали деца честопати може да се забележат како се тријат од некоја груба површина за да си го олеснат јадежот. Поради ова се јавуваат и рагади (пукнатини) по кожата кои се влезна врата за многу инфекции, исто така чест ко-феномен на атопискиот дерматит. Кај пациенти со хроничен тек на болеста и години поминати во менаџмент на истата, кожата на предилекционите места е честопати и здебелена (лихенифицирана) и знае да чеша независно дали има епизода на егзацербација на болеста или не. Освен кожните симптоми, овие пациенти се склони и на астма како и на алергии од различни алергени кои дополнително ја влошуваат и дерматолошката слика и се 100% присутни/одговорни за нов напад на атопија, чешање и нелагодности. Егземата најчеста е во пролет, кога алергените во воздухот се најзастапени како и во градови кои имаат голема стапка на воздушно загадување. Не е заразна болест ниту пак е одраз на хигиената, а исто така има и наследен фактор.
Третманот на болеста е повеќе во правец на менаџмент и менување на стил на живот отколку што е земање на редовна терапија. Лекувањето е неопходно и најчесто симптоматско. Се третира јадежот, сувоста и црвенилото како и евентуалните коморбидитети како инфекција од бактериска или габична природа. Менаџментот на болеста е најбитниот дел од третманот каде на пациентот му се дaваат специфични инструкции за исхрана, тип на материјали на облека, алергени кои треба да ги избегнува, активности кои го намалуваат стресот и слично. Дисциплината на пациентите го диктира успехот на третманот и исходот на симптомите.