Летото е прекрасно време – сонце, патувања, прошетки и безгрижни моменти. Но, покрај сите задоволства што ги носи, високите температури и силното сонце претставуваат реална закана за здравјето на нашата кожа.Сончевото зрачење, особено во текот на летните месеци, може да предизвика сериозни проблеми: изгореници, дехидрирана кожа, пигментации, па дури и зголемен ризик од рак на кожа. Токму затоа, ние како дерматолози и ги собравме најважните совети за тоа како да ја заштитите вашата кожата – со љубов и внимание.
- Користете крема со заштитен фактор – секој ден
Ова не е препорака само за на плажа. Заштитната крема со SPF е задолжителна секој ден, дури и кога не е претерано сончево. Изберете производ со најмалку SPF 30 и проверете дали штити и од UVA и од UVB зраци. Нанесувајте ја 20-30 минути пред излегување и повторувајте на секои два часа.
И не заборавајте на вратот, ушите, дланките и стапалата – тие често се занемаруваат, а подеднакво страдаат од сонцето.
- Не излегувајте надвор од 10 до 17 часот
Ова е златно правило во летните месеци. Од 10 часот наутро до 5 часот попладне, сончевите зраци се најсилни и најштетни за кожата. Во овој период најдобро е да останете во затворен простор, под сенка или барем да го сведете времето надвор на минимум.
Ако навистина мора да излезете, носете заштитна облека, капа со широк обод и очила со UV заштита – и секако, не заборавајте на SPF.
- Облеката е ваша прва линија на одбрана
Лесна, светла и широка облека направена од природни материјали како памук или лен може да направи голема разлика. Денес постои и облека со вграден UPF (Ultraviolet Protection Factor) која дополнително ја штити кожата од штетните зраци.
Комбинирајте ја со шешир, очила и чанта со резервна крема – и сте подготвени!
- Пијте многу вода – и кожата ќе ви биде благодарна
Во лето телото губи повеќе течности, а кожата прва ја чувствува таа дехидратација. Сува, затегната и безживотна кожа е јасен знак дека нешто недостасува. Затоа, пијте барем 8 до 10 чаши вода дневно и користете лесна, хидратантна крема, особено после изложеност на сонце.
- Заборавете на солариумите
Колку и да изгледа привлечно да се добие „брз тен“, солариумите испуштаат концентрирани UV зраци кои значително го зголемуваат ризикот од рак на кожа, особено кај млади лица. Ако сакате бронзен изглед, пробајте со безбедни автотен креми или бронзери.
- Проверувајте ја кожата редовно
Летото е идеално време да обрнеме внимание на кожата – не само за убавина, туку и за здравје. Ако забележите нови дамки, нерамномерна боја, чешање или промени во изгледот на бенките – не чекајте. Посетете дерматолог.
Сонцето е живот, но само ако знаеме како да се заштитиме. Не дозволувајте летото да ви донесе непријатности кои можат да се избегнат со едноставни навики: крема со SPF, облека, вода и одмор од директно сонце во најжешките часови.
Запомнете – кожата памети сè. Заштитете ја денес за да остане здрава и убава и утрe!